И МВР и Општина Аеродром денеска се пофалија дека повеле акција за почитување на редот и мирот во оваа општина во ноќните часови, а жители на населбата Ново Лисиче ја поздравуваат активноста и порачуваат таа да не остане само парадна и за собирање ситни полициско-политички поени.

„СВР Скопје – Одделение за превенција ги започна превентивните активности „Соседска патрола“ во рамките на оперативен план „Безбедно лето 2022“ , соопшти МВР на својот официјален профил на Фејсбук.

Натаму МВР објавува детали за активноста:

„На подрачје на Полициската станица Аеродром, мешани патроли од полициски службеници и командир од полициската станица, инспектор од Одделение за превенција, родители, претставници од Советот на родители во неколку основни училишта од општина Аеродром, претставници од Секторот образование при локалната самоуправа и градоначалникот на Општина Аеродром, извршија обиколка на места на отворен простор, паркови, училишни дворови, каде во ноќните часови најчесто се собираат и задржуваат младите, како и неколку угостителски објекти“, се вели во објавата.

И натаму се соопштува крајната цел:

„Целта на кампањата е родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, кои места најчесто ги посетуваат, кои се можните ризици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите овластувања. Целта на активноста е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата граѓаните и локалната самоуправа, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните нарушувања на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне општествената свест и совест за одговорно однесување на јавни места и угостителски објекти, како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Исто така, беа поделени и летоци со едукативна содржина за превенција од насилство. Превентивните активности продолжуваат и на подрачјата на останатите полициски станици при СВР Скопје“, се вели во соопштението.

И дотука е се во најдобар „ред и мир“. Но, да не остане само на парадирање и за дробни полициско-политички поени. Бидејќи граѓани во Општина Аеродром, поконкретно во населбата Ново Лисиче, секојдневно се жалат на „ноќни гужви“ во паркот Нирнберг и околните угостителски објекти.

– Властите не оставаат сами да се справуваме со младите кои бучно се забавуваат, со прегласни дружби во тн. монтажен амфитеатар, како и на останатите места во паркот, детското игралиште под зградите и околу кафичите. Таквото вознемирување на станарите на околните населби трае и по полноќ до раните утрински часови. Повеќе пати сме се јавувале и во општината и во полициската станица во Ново Лисиче, која е на неколку стотини метри од ова место, но залудно, се жалат станари од околните згради.

Тие посочуваат дека овој проблем трае подолго и немоќни се да го решат. Додаваат дека младите имаат место за забави, и дење и ноќе, во паркот кај последната постојка на „петка“ и предлагаат монтажниот „амфитеатар“ што го направи бившиот градоначалник Златко Марин да се дислоцира токму во тој парк, зашто повеќе ќе им служи на младите и ќе има повеќе спокој во ноќните часови за жителите во Ново Лисиче.

– Дење, додека работат угостителските објекти околу паркот Нирнберг, во нив може да видите паркирани полициски возила, мотори и полицајци на кафе, но ноќе кога се нарушува редот и мирот во околината ги нема никаде, додаваат станарите од Ново Лисиче.

Затоа, акцијата што ја почнале МВР и Општина Аеродром да не биде само парадна туку контролите да продолжат континуирано, порачуваат од населбата.