Американскиот претседател Џо Бајден се чувствува добро и ја продолжува изолацијата откако по вторпат за кратко време доби позитивен тест на коронавирусот, објави неговиот лекар.

Бајден повторно беше позитивен на Ковид во саботата, што неговиот лекар го опиша како реинфекција забележана кај мал број пациенти кои го земаат лекот Паксловид.

„Продолжуваме да ја следиме ситуацијата на дневна основа. Во неделата наутро, неговиот тест повторно беше позитивен“, напиша неговиот лекар Кевин О’Конор во официјалната белешка.

Бајден првпат беше позитивен на Ковид-19 на 21 јули и тогаш ги опиша симптомите како благи, велејќи дека може да продолжи да работи од изолација. Тој ги припиша благите симптоми на вакцинацијата и лековите.

Бајден излезе од изолација во средата, кога тестот беше негативен.

Откако повторно беше позитивен, американскиот претседател мораше да откаже некои патувања и настани.

Мал број луѓе кои земаат антивирусен лек Паксловид може повторно да се заразат со Ковид по петдневно земање на препаратот, покажаа студиите.