Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми ќе поднесе кривична пријава против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска за „Злоупотреба на службена положба“, „Соизвшителство“ и „Фалсификување службена исправа“ откако обвинителството за гонење организиран криминал изврши претрес во оваа институција, претрес за кој Муареми тврди дека е извршен незаконски.

– „Републичкото јавно обвинителство несомнено ги потврди нашите сомнежи дека ОЈО ГОКК пред надлежниот суд дало лажни податоци дека има основи на сомнение дека е сторено кривично дело и со тоа да има основи за барање на претрес на државна институција. Обвинителката Русковска не може без докази, од позиција на сила и моќ, да креира перцепција за нечија вина. Претресите беа со единствена цел, да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција и да се доведат во прашање сите сегашни а и идни постапки кои ги води управата а се’ со цел да ги зашити интересите на нејзини блиски луѓе“.

На денешната затворена средба со новинарите, Муареми призна дека соработката со обвинителствотона Русковска не е на потребното ниво и праша зошто обвинителството за некои предмети постапува експресно брзо па дури и по анонимни пријави а не го прави тоа со многу од пријавите на финансиската полиција.

– „Ние по закон мора да соработуваме со ОЈО ГОКК но за одредени големи, капитални предмети обвинителството нема интерес да соработува со нас. Такви се на пример истрагите за ФФМ, МРТ, за ТЕ-ТО, општина Карпош но и за финансиски криминал во министерствата за транспорт и врски и министерството за финансии. Зошто ова обвинителство не побара од нас да го испитаме потеклото на имот на Орце Камчев, Никола Груевски, Сашо Мијалков, особено оној имот кој што им беше конфискуван“, вели Арафат Муареми директор на Финансиска полиција.

Она што беше јавна тајна дека професионалните релации помеѓу Муареми и Русковска се далеку од професионални излезе во јавност откако Државното правобранителство поднесе кривични пријави против обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски но и против Муареми и бизнисменот Сеад Кочан а поврзано со случајот „Трансмет“ за кој Кочан веќе ја издржува казната затвор.