СДСМ себе се фали, опозицијата секој ден ја напаѓа и шири лажни вести на прес конференции, како што е денешната, на која го обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски дека бил на летување во Монте Карло, а тој веднаш им се јави од Скопје.
Владејачката партија во желба да го оцрни противникот посегнува и по лажни вести, илустрирајќи ги со стари фотографии. Еве ја целата прес-конференција на СДСМ, која се грижи за летните одмори на опозицијата, а не соопштува каде летуваат премиерот, министрите и функционерите на СДСМ:
Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо освен лицемери и лажговци.
Додека наводно се загрижени за економскиот стандард на граѓаните, високи функционери на оваа партија летуваат на луксузни локации.
Портпаролот Димче Арсовски кој на прес конференции глуми загрижен за економската состојба, својот летен одмор го минува во Монте Карло.
Јавно објавени фотографии покажуваат дека тој заедно со сопругата се на плажата Ники во Монте Карло, монденско место на кое летува светскиот џет – сет.
Колку е скапо ова задоволство на Арсовски покажува и менито во ресторанот на плажата, каде една порција оброк достигнува и до 98 евра.
Истовремено, Христијан Мицкоски летува во Црна Гора, во близина на Котор, каде според информациите едно ноќевање во вила чини и 1.000 евра.
Еве колку ВМРО-ДПМНЕ се загрижени за стандардот на граѓаните.
Додека ја плашат јавноста со црни економски сценарија, функционери на ВМРО-ДПМНЕ трошат илјадници евра за одмор на луксузни локации.
Вака ли ВМРО-ДПМНЕ го замислува протесното лето со кое ги лажеше граѓаните?
Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, раскалашеност, безобразност и лицемерност, беа и останаа заштитен знак за партијата предводена од Христијан Мицкоски.