Седумнаесет годишната Емилија Николоска неодамна освои бронзен медал на Светската олимпијада по физика.
Таа вели сака да го открие непознатото, да го истражува и да му донесе нешто ново на човештвото. Учи во Математичко-информатичката гимназија во Скопје.
– Имаше селекционен натпревар и од Македонија бевме одбрани пет ученици. Натпреварот беше тежок. Беше потребна претходна подготовка, имавме часови со професори и асистенти од ПМФ, но се припремавме и сами. Имаше вкупно околу 400 ученици од 80 земји од светот. Искрено, немав очекувања, пријатно се изненадив зашто задачите беа потешки од лани. Дадов сѐ од себе и се спремав колку што можев и ете, тоа се исплати и сега имам заслужен одмор. Ова е најголем успех на Македонија на оваа олимпијада по физика, вели Емилија.
Светската олимпијата е во организација на Швајцарија и требало да се одржи во Белорусија, но поради состојбата во Украина се одржала онлајн.
Ова не е прво признание за Емилија. Учествувала и досега има добивано општински, регионални, државни и меѓународни награди на натпревари и олимпијади по хемија, информатика, програмирање, математика, а додека учела основно училиште и награди по англиски, германски…
– Мал проблем е дека не можам да учествувам на сите олимпијади зашто се поклопуваат датумите и морам од нешто да се откажам, вели Емилија.