Украина денеска ја обвини Москва за организирање нелегално посвојување на голем број украински деца, кои се носат во Русија од окупирани подрачја.

„Русија продолжува да киднапира деца од украински територии и да организира нивно незаконско посвојување во руски семејства“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

Над 1.000 деца од Мариупол, пристанишниот град во југоисточна Украина што го зазеде руската војска, нелегално им се предадени на странци во Тјумењ, Иркутск, Кемерово и во Алтајскиот регион во Сибир, според Министерството. Тоа се повикува на информации од властите во Краснодар, град во југозападниот дел на Русија, недалеку од Украина.

Во соопштението се додава и дека повеќе од 300 украински деца се сместени во „специјални установи“ во Краснодар.

Ваквите постапки на Русија се „сериозно прекршување на  Женевската конвенција“ за заштита на цивили во војна и конвенциите за детски права на Обединетите Нации, предупредува Министерството.

„Сите украински деца кои се незаконски одведени на руски територии мора да им се вратат на родителите или на законските старатели“, се истакнува во соопштението.