Трета победа на третиот дуел забележа македонската фудбалска репрезентација во четвртата група од Д-дивизијата во Лигата на нации. Вечерва во Скопје, Македонија го победи Лихтенштајн со 4:1.

Два гола постигна Александар Трајковски (10. и 30. минута), по еднаш погодија Горан Пандев (36) и Езџан Алиоски (67). Стрелец на единствениот гол за гостите беше Сејхан Јилдиз во 37. минута за во тој момент намалување на 3:1.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски се наоѓаат во серија од десет натпревари без пораз и се во низа од три победи по ред во новото натпреварување на УЕФА.

По освојувањето на трите бода на вечерашниот меч и поразот на Ерменија на домашен терен од Гибралтар, Македонија направи огромен исчекор кон освојување на првото место во групата кое дава можност за разигрување за пласман на Европското првенство.

Табела група 4 – Дивизија Д во Лигата на нации: Македонија 9 бода, Лихтенштајн 3, Ерменија 3, Гибралтар 3.

Во следната рунда Македонија во вторник (16 октомври) и гостува на Ерменија.