Пуштена струја во Арачиново, како преодно превентивно решение. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска со претставници од ЕВН и МВР отиде во посета на Арачиново, на средба со градоначалникот Ридван Ибраими, за да се реши проблемот со диви приклучоци на мрежата, кои предизвикаа хаварија во системот.
Од понеделник екипите на ЕВН Македонија непречено ќе работат на терен во Општина Арачиново и на тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во оваа Општина, но и на други места, изјави попладнево министерот за економија Крешник Бектеши по состанокот со градоначалникот Ридван Ибраими.
Министерот Бектеши рече дека вечер ќе прогласат кризна состојба во енергетскиот сектор на национално ниво, но и најави оти ќе побара од МВР и другите надлежни институции да постапат во сите општини каде има големи загуби на струја, бидејќи според него, тие се на товар на сите потрошувачи на електрична енергија. Загубите на струја, како што рече, се признаваат како трошок кога се одредува цената за струјата.