Европската Комисија (ЕК) будно ја следи ситуацијата на Западен Балкан, вклучувајќи и работи што може да се сфатат како заобиколување на мерките во рамки на надворешната и безбедносната политика на Европската Унија (ЕУ).
Тоа за „Вијести“ го истакна портпаролката на ЕК, Ана Писонеро Хернандез коментирајќи го тоа што црногорската Влада и покрај препораките на ЕУ, продолжува да ја спроведува програмата за економско државјанство.
– ЕК доследно ја советуваше Црна Гора да ја укине шемата со доделување државјанство на инвеститори поради ризиците што ги претставува, како перење пари, затајување данок, финансирање тероризам, корупција и инфилтрација на организиран криминал, појасни Писонеро Хернандез.
Како што таа додаде, како кандидат за членство во ЕУ, Црна Гора треба да се воздржи од какви било мерки, што можат да загрозат постигнување цели на Унијата, вклучувајќи ги привилегиите за доделување државјанство.
Програмата е со план да трае три години и ја смисли и ја спроведе претходната Влада во 2019 година. Демократската партија на социјалисти е сменета на изборите во август 2020 година. Првиот златен пасош е издаден во февруари 2020 година.
Црногорско државјанство, според програмата од 2019 година, добиле вкупно 409 странци. Најмногу од нив се Руси, 241 или речиси две третини, покажаа податоците што неодамна ги објави Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора.