Пратениците утре официјално започнуваат со работа по годишните одмори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, според најавите, утре ќе одржи средба со потпретседателите на Парламентот и со координаторите на пратеничките групи на која треба да се договори динамиката на работа за неделава и периодот што доаѓа.
Засега на веб – страната на Собранието нема закажани активности.
Меѓу првите активности во Собранието се очекува ќе биде продолжување на работата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за изборот на уставните судии за да може што поскоро да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд.
Според најавите од пред одморот може да се очекува да бидат закажани и продолженија на веќе започнати седници. На последната координација со новинарите претседателот на Собранието за 13 септември ја најави првата нова редовна седница по одморот.
Пратениците на одмор заминаа официјално по Илинденските празници.