Министрите за надворешни работи на ЕУ планираат да донесат одлука за укинување на безвизниот режим со Русија на дводневниот состанок во Прага кој започнува утре, пишува Фајненшл тајмс повикувајќи се на три извори кои учествувале во разговорите.
– Несоодветно е руските туристи да шетаат низ нашите градови, покрај нашите пристаништа. Мораме да испратиме сигнал до руското население дека оваа војна е неприфатлива, изјавил висок претставник на ЕУ.
Планот за суспендирање на договорот од 2007 година предвидува укинување на повластениот третман за Русите кога аплицираат за сите визи за ЕУ.
– Ние сме во исклучителна ситуација и тоа бара исклучителни чекори. Сакаме да излеземе подалеку од суспензијата на визните олеснувања, изјавил висок европски функционер.
Финска, Полска и балтичките земји кои граничат со Русија соопштија дека се подготвени да ги спречат Русите да влегуваат на нивната територија со туристички визи, наведувајќи ги исклучоците за националната безбедност од Шенгенскиот договор.
– Навистина се надевам дека ќе се најде заедничко европско решение за тоа како значително да се ограничи протокот на руски туристи во Европа, изјавил литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
Борел против целосна забрана за влез на руски државјани во ЕУ
Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел синоќа изјави дека целосната забрана за влез на Руси во Унијата „не е добра идеја“, по медиумските извештаи дека земјите-членки се подготвуваат да го суспендираат визниот договор со Москва.
– Не сум за запирање на издавањето визи за сите Руси, изјави Борел во интервју за австриската телевизија ОРФ. Тој рече дека не верува оти прекинувањето на контактите со руските цивили ќе има позитивни резултати. Тој нагласи и дека не верува оти оваа идеја ќе ја добие потребната едногласна поддршка меѓу земјите членки.
Борел рече дека некои процедури за издавање визи за одредени групи Руси треба да се ревидираат, но отфрли целосна забрана.
– Мораме да бидеме селективни, не можеме да преземеме сеопфатна мерка, рече тој изразувајќи уверување дека министрите за надворешни работи на ЕУ што треба да се состанат следната недела ќе прифатат балансиран пристап.
Идејата за ограничување на влез на руски туристи во ЕУ се појави неодамна откако Русите патуваа на летен одмор преку соседни земји на ЕУ.
Виза издадена од која било земја овозможува пристап без пасош до сите 26 членки на Шенген зоната.
„Фајненшл тајмс“ претходно јави дека земјите-членки на ЕУ се подготвуваат да го суспендираат договорот за визно олеснување со Русија од 2007 година поради војната во Украина.
Министрите за надворешни работи на ЕУ се подготвени да дадат политичка поддршка за суспензијата на дводневниот неформален состанок во Прага што ќе се одржи утре и задутре, информира британскиот весник, цитирајќи тројца претставници вклучени во разговорите.