Русија на Путин ги прекрши договорите, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц при објавувањето на пакетот мерки за ублажување на порастот на трошоците за живот.
Германската влада денеска објави дека ќе обезбеди пакет помош во вредност од над 65 милијарди евра за своите граѓани за да им помогне да се справат со зголемените трошоци за енергија и воопшто со инфлацијата.
– Русија на Путин ги прекрши договорите. Веќе некое време не ги исполнува обврските за испорака, рече Шолц и оцени дека Русија повеќе не е сигурен снабдувач на енергија.
Протокот на гас што го испорачува руската енергетска компанија Газпром се намалува во последните месеци, а во петокот најави дека ќе биде прекинат на неодредено време поради истекување нафта во компресорската станица.
– Причината за оваа многу, многу тешка ситуација е руската инвазија на Украина, рече Шолц и заврши со оптимистичка порака „ќе ја поминеме зимата“.
Инаку, мерките за помош вклучуваат поевтин билет за јавен превоз, паушал кој ќе им се исплати на пензионерите и студентите во износ од 300 односно 200 евра за трошоци за енергија, потоа зголемување на поволностите и бенефициите, како и зголемување на месечната исплатена сума на родителите во износ од 18 евра за прво и второ дете.
Владата ќе воведе пониски цени за одредено основно ниво на потрошувачка на енергија, па граѓаните ќе плаќаат повисоки цени само кога ќе го надминат тоа ниво.
Во соопштението за медиумите, Владата наведе дека пакетот помош е наменет за „сите домаќинства, како и за пензионерите, студентите, специјализантите“.