Поранешниот италијански министер за внатрешни работи и лидер на десничарската партија Лига, Матео Салвини денеска предизвика контроверзии, откако во прашање ја доведе ефикасноста на европските санкции против Русија, воведени поради инвазијата врз Украина.

-Поминаа неколку месеци и луѓето плаќаат сметки, два пати или дури четири пати повеќе. По седум месеци војната руската каса и натаму се полни со пари, изјави Салвини за радиото РТЛ, пред да одржување на еден локален економски форум во северна Италија.

Салвини праша дали санкциите функционираат и одговори негативно.

-До денеска победници се оние што беа санкционирани, а оние што воведоа санкции се на колена, рече поранешниот министер и додаде дека очигледно „некој во Европа греши во пресметката“.

Според него, неопходно е да се преиспита стратегијата за зачувување на работните места и бизнисот во Италија.

Лидерот на Демократската партија Енрико Лета, еден од главните противници на Салвини во актуелната кампања за парламентарните избори на 25 септември, рече дека е загрижен за земја како Италија која „им намигнува на Русија“.

-Кога го слушам Салвини како зборува за санкции, се чувствувам како да ја слушам пропагандата на рускиот претседател Владимир Путин. Загрижен сум за земја како Италија која и намигнува на Русија, рече Лета.