Додека Британците бројат пени, ние ги броиме мртвите, изјави Олена Зеленска, сопругата на претседателот на Украина Володимир Зеленски, во интервју за Би-Би-Си.

Таа притоа додаде дека разбира дека војната има големо влијание врз економиите на сојузниците на Украина и дека кризата може да биде пократка доколку Украина добие посилна поддршка.

Во интервјуто снимено во Киев, таа изјави дека е важно постојано да се нагласува цената на војната, која се плаќа со човечки жртви.

Првата дама на Украина, која е во брак со Володимир Зеленски од 2003 година, во опширното интервју што ќе биде емитувано на 4 септември, зборуваше каква порака ќе испрати до населението на Велика Британија, кое се соочува со зголемени цени на нафтата и гасот, како и со повисоки сметки за струја, кои делумно се резултат на руската инвазија на Украина, јави Би-Би-Си.

Таа најави дека разбира оти ситуацијата во Велика Британија е многу тешка и потсети дека за време на пандемијата на коронавирус, која се уште трае, настрада и населението на Украина поради растот на цените.

– Во Украина растат цените, а освен тоа, тука умираат луѓе. Затоа, кога ќе почнете да ги броите пените на вашата банкарска сметка или во вашиот џеб, знајте дека истовремено ги броиме и жртвите, нагласи Зеленска.

Пред неколку дена, британскиот премиер Борис Џонсон за време на неговата посета на Киев рече дека домаќинствата ширум Европа ќе мора да се соочат со пораст на трошоците за живот и во исто време да продолжат да ја поддржуваат Украина во борбата против руската агресија.