Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски денеска пред Судескиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
На денешното, прво рочиште од процесот, обвинителката Тања Трајчевска го даде воведниот говор на Обвинителството во кој го образложи обвинителниот акт со кој го опиша настанот во кој хрватскиот ракометар, Денис Тот, беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје.
– Од сите тие удари оштетениот се здобил со повеќе повреди, како и тешки телесни повреди и како резултат на сите тие повреди кај оштетениот настанала коматозна состојба. Истиот веднаш бил пренесен во Ургентниот центар во Клиничкиот центар Мајка Тереза, рече таа.
Дополни дека како резултат на повредите и настанатата траума на главата дошло до пореметување и прекин на мозочните неурони кое резултирало со смртен исход на 8 април 2022 година во 11:40 часот.
Трајчевска посочи на листата на докази со кои располага Обвинителство, а помеѓу кои се записник за претрес на дом и други простории, потврди за привремено одземени предмети, со кои што, како што рече, е одземена облеката од оштетениот и дел од облеката на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
– Располага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден, рече таа.
Дополни дека Обвинителство располага и со вештачење на облеката, вешти наоди и мислења по однос на пресметливоста на сите кои се обвинити, како и медицинска документација од која произлегуваат видот и карактерот на повредите кои оштетениот ги здобил критичната ноќ.
– Исто така, изготвен е и писмен извештај за извршена обдукција од 9 април 2022 година од Институт за судска медицина при медицинскиот факултет во Скопје, во прилог ЦД од извршена обдукција, како и писмен извештај за извршени вештачење од 20 јуни 2022 година од Институт, а од кои произлегува причината за смртта на оштетениот како и причинско последичната врска помеѓу смртта, која настапила кај оштетениот и дејствијата кои ги презеле обвинетите критичниот ден, образложи таа.
Од страна на Обвинителството, дополни, биле испитани законскиот застапник на оштетениот Денис Тот, неговиот татко Игор Тот, како и сведоците кои биле присутни на настанот.
– Со ваквите докази сметам дека ќе докажеме дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин време и место како е опишано во обвинителниот акт, рече Трајчевска.
На денешното рочиште тројцата обвинети изјавија дека го разбираат обвинението кое им се става на товар и изјавија дека не се чувствуваат виновни во врска со истото.
Воведните зборови на одбраната се одложија за наредното рочиште поради барање на еден од бранителите.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април 2022 година, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а наредното рочиште е насрочено за 14 септември.