Новата политичка партија на Албанците во Македонија – Европско граѓанско движење (ЕГД) е нова закана за уривање на ДУИ од „вечна власт“, според зборовите на нејзината лидерка Ѓула Челику.

– Нормално дека имам сила да ја урнам ДУИ, инаку не би основала политичка партија, вели лидерката на ЕГД, универзитетската професорка д-р Ѓула Челику.

Таа, како што објави порталот Експрес, е професорка по политички науки и меѓународни односи на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово, каде што почесен доктор е и Ахмети.

Освен ДУТ, Челику и Ахмети ги поврзува и Кичево, од каде што е професорката, Ахмети е од кичевското село Зајас.

Пораката од Челику до Ахмети и ДУИ ја изнесе во емисија „8 me 2“ на порталот Монитор. Како што објави порталот на албански јазик Газета попули во настапот на Челику насловен „Имам сила да ја урнам ДУИ“, таа „зборуваше за визијата на нејзината нова политичка партија, нагласувајќи дека тие ќе воспостават нов стандард во водењето на политиката во земјата“.

„Челику нагласи дека имаат сила, како политички субјект, да ја урнат партијата, која што владее речиси 20 години. Претседателката на ЕГД не ја исклучи ниту можноста за одржување сенационални протести, како што кажа таа, против секоја неправда, што им е направена на Албанците“.

– Јас сум возач речиси 20 години и си го возам добро, но само својот автомобил. Воопшто немам намера да го „возам“ и народот, додека познавам лидери, кои немаат се уште ниту возачка дозвола, вели Челику во емисијата на Монитор.

Информативната агенција на албански јазик ИНА уште кон крајот наминатата година објави за новото политичко движење во албанскиот политички блок во Македонија, односно за ЕГД.

Тогаш Челику изјави:

– Ние, група на интелектуалци, приоритетно експерти за политички науки, а потоа и од секоја професија во секоја потребна област, го конституиравме ЕГД како потреба на времето. Барањето рамноправност и мултиетничност ќе биде суштината на програмата на нашата партија. Сум била опозициски настроена, бидејќи сум сакала да падне режимот… Во нашата партија се потпираме и врз личности од меѓународната заедница, рече тогаш Челику.

ЕГД минатиот месец го отвори своето седиште во Скопје.