Нека е вечна суверена и силна Македонија и никогаш повеќе да не го свиткаме рбетот, порачува во денешната честитка поранешниот премиер Никола Груевски, по повод Денот на независноста.
Во продолжение неговата честитка упатена преку неговиот профил на Фејсбук по повод 8 Септември:
Пред 31 година се создаде историски момент и историска шанса за создавање самостојна, суверена и независна држава Република Македонија.
Падот на социјализмот предизвика демократски бран во источна Европа кој никој неможеше да го спречи. Паднаа комунистичките режими насекаде а некаде се трансформираа и ребрендираа со ново име а истите луѓе, но мораа да прифатат нов начин на владеење, преку слободни избори, повеќепартиски систем и слободно одлучување на новите власти и граѓаните.
Југославија 10 години по смртта на Тито беше економски и морално опадната, па ни привремениот раст создаден со реформите на Анте Марковиќ не успеа да ги запре долго пригушените желби за национални самостојни и суверени држави, но и национализмот кој за кратко време исплива на површина и доведе до една од најкрвавите војни во 20 век по втората светска војна на просторот на поранешната Југославија.
Во тој хаос и покрај големите внатрешни несогласувања помеѓу политичките елити, Македонија добро се снајде.
Главна улога имаа Претседателот Киро Глигоров кој носеше подолго политичко искуство, па дури и воено искуство од втората светска војна, Парламентот кој беше многу жив, динамичен, активен и во голема мера продуктивен, експертската влада предводена од академик Кљусев која освен стручност носеше и силен национален жар, решителност и порив за осамостојување и секако клучните политички партии и нивните лидери во тоа време.
Сепак, клучната улога ја имаше народот од тоа генерација, не само на изборите во есента 1990 година кога направи исправна колективна одлука, туку и на референдумот за осамостојување на 8. Септември 1991 година.
Но, мала нација неможе така лесно да направи самостојна држава ако нема пошироко “поклопување на коцките” на меѓународен план. Јасно е дека распадот на Југославија беше посакувана опција за повеќето големи сили кои не беа среќни со нејзината сила безмалку половина век. Во ситуација кога истокот беше во длабока транзиција и заслабнат, западните сили оставија простор за креирање на малата држава на Балканот која колку и на почетокот да личеше на “не посакувано дете”, пред се поради проблемот со името кој веднаш беше издигнат од многу помоќниот јужен сосед, сепак го најде својот пат и со многу тешкотии и стагнации, падови и успони растеше во овие 31 година.
Кој колку допринел за нејзиниот раст или назадување, како внатре, така и од надвор ќе си каже историјата од една поголема временска дистанца.
Кратко кажано и колективно гледано, добар спој на одлучна и храбра генерација Македонци, снаодливи и одлучни водачи и погодни меѓународни околности.
Денес, 31 година подоцна, Македонија е полна со предизвици и противречности, неправди и разочарувања, погрешни одлуки и наметнати решенија.
Суверенитетот и сувереното носење одлуки на државната власт но и на некои од партиите е значително намалено, агонијата, бесот и фрустрациите кај мнозинството граѓани очигледна.
Избраниот пат за членство во ЕУ и НАТО уште по прогласувањето самостојност во 1991 година е исправен, но цената која се плати и треба да се плати кажано со еконосмки речник е “не пазарна” , не фер и прескапа споредена со цената кои другите поранешни социјалистички држави ја добија. Прескапа, до степен на не издржливост, со сериозни ризици за асимилација или обезличување на Македонците, што благодарение на веќе изградената национална свест во минатото, нема да е лесно да се случи, но оставениот простор за некој да може со децении да прави обиди за тоа, ќе донесе многу проблеми и големи загуби.
Потребна е многу поголема мудрост и посветеност за тоа да се промени, да се оствари целта а да се плати прифатлива, издржлива и одржлива цена.
Формално гледано Македонија е сеуште независна и суверена земја, иако со многу слаби и без елементарна доверба кај граѓаните институции, нефункционален систем, судство и медиуми во голема мера контролирани од власта со чија помош се одржува, политички мотивирани прогони на политичките неистомисленици кои однадвор се толерира заради одстапките по националните прашања на актуелната власт, сервилноста и послушноста карактеристична за протекторати и “свитканата кичма” која за волја на вистината навреме беше најавена. И со многу економски проблеми, 400 илјади граѓани кои живеат во сиромаштија, но и проблеми поврзани со моралот и општата правичност и правда во општеството, односно неправдите во донесувањето на одлуките при секојдневното владеење, криминал и корупцијата кој многу ретко се открива заради контролата на правосудниот систем. Заради сето ова рекорден е бројот на лица кои се иселуваат или го планираат тоа во блиска иднина.
31та годишница Македонија ја дочекува со слаба власт која не испорачува резултати, која за работи кои порано сами како држава сме ги решавале и обезбедувале, и не биле воопшто тема бидејќи било сосема нормално сами да ги решаваме (маски, ракавици, вакцини, жито, струја, гас, гасење пожари, набавка на медицинска опрема и апарати итн), сега постојано и речиси без исклучок се бара помош од соседите или од други земји, нешто што наликува на просење, се моли за донации и некој друг да ги решава проблемите и да ги извршува обврските за кои таа е избрана. Тоа може да функционира, но тоа има своја не само матерјална, туку и политичка цена која носи нови одстапки, потчинетост, нова апатија, разочарувања, порази и иселување.
Да ја чуваме и зајакнуваме сувереноста и независноста на државата. Да ја градиме државата на начин што државниот и националниот интерес ќе биде на прво место, суштински, не само формално. Да градиме функционална држава и институции. Правда и силна економија, со многу инвестиции, работни места и повисок стандард. Пријателства и партнерства на основ на наши успеси и сила, а не на сервилност, просење и потчинетост. Ние почесто да им помагаме на другите земји во регионот, а поретко тие нам. Водачите да се силни и независни, народот да се чуствува свој на своето. Во ЕУ да влеземе исправени, силни, со достоинство и со крената глава, а не “на носилки”, понижени и фрустрирани.
Да ја исправиме кичмата и никогаш повеќе да не ја свиткаме!
Нека е вечен празникот на независноста и самостојноста!
Нека е вечна европска но и суверена и силна Македонија!
Да живее Македонија!