Македонската фудбалска репрезентација со оптимизам го очекува утрешниот натпревар против Ерменија во Ереван во рамките на четвртото коло на Лигата на Нации.
Со три победи од толку одиграни натпревари Македонија е лидер во групата, а во пресрет на последните три меча потребен е само бод за да се потврди првото место и пласманот во полуфиналето на Д-Лигата.
– Се подготвуваме за утрешниот натпревар, но знаеме дека Ерменците се добар национален тим. По поразот од Гибралтар веројатно ќе бидат лути да реагираат против нашата селекција. Многу далеку е Европското првенство и не мислиме на таа шанса. Во главата ни е само утрешниот натпревар и можноста да извојуваме позитивен резултат. Сите фудбалери се здрави и спремни и тоа ме радува. Не смееме да ги потцениме, тоа би било погубно. Играчите и тактичката поставеност ни се познати, ќе одговориме на било која нивна формација, изјави селекторот Игор Ангеловски на официјалната прес конференција пред натпреварот со Ерменија.
Натпреварот Ерменија – Македонија е закажан за утре со почеток во 18 часот.