ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да направи корекции на Иницијативата за референдум за поништување на Договорот со Бугарија со цел таа да го помине собранискиот филтер и да почне собирањето на граѓанските потписи, потврди лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Потребата од промени на документот се појави откако владејачки пратеници објавија дека Иницијативата во парламентот била поднесена до Претседателот на Собранието Џафери без да се наведе новото уставно име на државата. Тоа според нив, е доволна причина Иницијативата да биде вратена како неуредна.

Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија, изјави Мицкоски.