Народната банка направи промени во инструментот за задолжителна резерва за поддршка на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, а во Собранието на седница се ставени измените на Законот за градење што ќе ја поедностават процедурата за поставување фотоволтаици.
Паралелно со мобилизирањето на сите ресурси за зголемување на производството на струја, продолжуваат апелите за штедење, но и дебатата за правата на потрошувачите по реакциите за ставките за мрежарина во сметките за струја.
Советот на Народната банка вчера донесе одлука за промени кај инструментот за задолжителна резерва, преку кои се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Основата за издвојување задолжителна резерва во денари на банките ќе биде намалена за износот на новоодобрените кредити за финансирање проекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори.
-На ваков начин, во услови на енергетска криза и силен раст на глобалните цени на електричната енергија, коишто влијаат и врз девизниот пазар, но и врз домашните цени и животниот стандард, Народната банка придонесува кон ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата, информираше вчера НБ.
Со измените на Законот за градење, што се во собраниска процедура, се предвидува фотонапонските електроцентрали да можат да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост со моќност од шест киловати и односно на правни субјекти до 40 киловати. На колективните згради со етажна сопственост вакви електроцентрали можат да бидат поставени од страна на заедницата на сопственици, односно Советот на станари единствено за заедничките простории. Клучно во оваа измена е дека на граѓаните и на фирмите нема да им биде потребно одобрение или решение од општината за поставување фотонапонски централи како што беше досега.
Апел да се штеди струја, за што веќе се во сила мерки, вчера повторно упати претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, потенцирајќи ги истовремено и правата на потрошувачите.
-Гледам дека во јавноста кога се пренесува веста дека во одреден земји препорачуваат да се тушираат кратко – ние се шегуваме, но верувајте ѓаволот ја однесе шегата. Мора да се штеди. Состојбата е тешка, ќе има проблеми во Европа, ние треба да сме подготвени на се. Мора да се мобилизираат сите ресурси. Франција од извозно ориентирана земја, стана увозно зависна на електрична енергија затоа што затвори нуклеарни централи, порача вчера Бислимовски во телевизиско гостување.
Според него, причина за повисоките сметки е покривањето на загубите поради цената на струјата.
– Граѓаните забележуваат дека кај некои мрежарината е повисока отколку потрошувачката. ЕВН Хоум откупува струја од ЕСМ и факт е дека таа цена е субвенционирана од државата и е 48 евра за мегават час. Тоа е првиот дел од сметката. Вториот дел кој е повисок е мрежарината. Тоа е пренос, оперативни трошоци, покривање загуби во мрежата и амортизација. Загубите до годинава беа околу 30 отсто. Годинава ЕСМ ги продава загубите за 143 евра или околу 10 денари по киловат, а претходно биле околу 3 до 3,5 денари. Причина за качување на сметките е покривањето на загубите поради цената на струјата. Во останатиот дел РКЕ ги држи цените. Ако ЕСМ понудел цена од 56 евра, тогаш мрежарината би била пониска за околу 40 отсто отколку сега. ЕСМ се јави на тендер со 143 евра, појасни Бислимовски.
Тој на средба со претседателката на Органзиацијата на потрошувачи на Македонија, Марија Лончар Велкова истакнал дека Регулаторната комисија за енергетика не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена што ја одредува и тие се на товар директно на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која има отстапување од реалната состојба може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата, по што ЕВН ХОМЕ е должен веднаш да издаде нова корегирана сметка со реална состојба.
Од ОПМ, како што соопшти РКЕ, посочиле повеќе случаи кои стигнале до нив во врска со сметките за електрична енергија каде што износот за надоместокот за дистрибуција на електрична енергија е поголем од надоместокот за потрошена електрична енергија. Бислимоски објасни дека тоа е така зашто одредени домаќинства кои внимаваат на потрошувачката и ја имаат насочено во ниска, евтина тарифа, трошат електрична енергија која е далеку пониска и изнесува 10 евра за мегават час, додека трошоците за мрежарина се исти и во висока и во ниска тарифа.
ОПМ укажува дека граѓаните реагираат на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури каде во наредната се јавуваат повторно истите денови за кои претходно е фактурирано. Иако ЕВН објаснува дека граѓаните треба да го гледаат пресметковниот период на втората страна од фактурата (во делот на детални информации), од ОПМ напоменуваат дека пресметковниот период треба да е идентичен односно да не се доведуваат во заблуда со различно претставени пресметковни периоди во една фактура и се надеваат дека ЕВН ова ќе го исправи.
По најавата за набавка на струја за нашето стопанство од Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски завчера по средбата со неговиот грчки колега во Атина објави дека преку конкретни договори за помош, Грција енергетски ќе ја поддржи Македонија во справувањето со последиците од глобалната енергетска криза.
На средбата е договорено преку Грција, Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут, а во случај на било какво ограничување од извозот од Грција тоа да не се воведе кај нас. Договарана е испорака на еден милион тони јаглен и 250 000 тони мазут.
Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, јагленот ќе биде примарно за потребите на РЕК Битола, но дел од количините ќе може да бидат користени и за РЕК Осломеј, додека мазутот е за термоелектраната во Неготино, а дел од количините се и за Битола и Осломеј.
Во меѓувреме, работните групи за струја од Бугарија го дефинираат договорот со којшто ќе се овозможи снабдување со 200 мегават-часа струја за потребите на државава од октомври годинава заклучно со март догодина. Цената, информираше вчера владиниот портпарол Душко Арсовски, се уште не е утврдена, а целта е да се добие цена која ќе биде под берзанската.
Арсовски соопшти и дека при крај е и дизајнирањето на новите антикризни мерки, за што со ребалансот на Буџетот за 2022 година се обезбедени 76 милиони евра. Се очекува на една од наредните седници на Владата да се расправа за оваа точка. Мерките ќе бидат насочени првенствено кон ранливите групи граѓани кои имаат најголема потреба за помош, а дел и кон стопанството.
Од Народната банка вчера излегоа со информација дека просечната инфлација во периодот јануари – август годинава изнесува 11,6 проценти на годишно ниво и дека главно таа произлегува од надворешни фактори на страната на понудата.
Најголем придонес за растот на домашната инфлација, според НБ, има порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електричната и топлинската енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Но, како што укажа централната банка, нивниот подолготраен и посилен раст создава преносни ефекти и врз цените на останатите производи и услуги и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики.