Можноста Македонија да претседава во 2023 година со ОБСЕ е признание на успесите на државата која ги постигна своите стратешки цели преку нејзин уникатен модел на развој, во тежок регионален контекст. Тоа е обврска, но и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме кои се нашите вредности – мир, стабилност, владеење на право, демократија и тоа преку дијалог и компромис, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на настанот „С. Македонија и ОБСЕ: 30 години партнерство“.
Според него, не случајно поминала толку лесно нашата кандидатура со консензус од 57 земји учеснички на министерскиот совет во Тирана, и тоа дошло како признание на успесите на државата.
-С. Македонија е држава која ги постигна своите стратешки цели и еден уникетен модел на развој на државата и во тоа во тежок регионален контекст, во тешко соседство, во комплицирана внатрешна композиција. Таа денеска е уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, пример за култура на компромис за помирување со соседите, земја која има витална демократија и може тоа свое искуство и капацитет со претседавањето да го пренес на оваа важна платформа на ОБСЕ чија суштина и длабока цел е да го обезбеди и зачува мирот, рече министерот Османи.
Според него, ова е една општа општествена државна обврска која, како што потенцира, не само што е важна обврска во важно време, туку и привилегија која ќе ја покаже нашата вистинска слика пред светот, кои сме, кои се нашите вредности.
-Тие секогаш биле мир, стабилност, владеење на право, демократија и тоа преку дијалог и компромис, што и е суштината на ОБСЕ. С. Македонија е парадигма на тие вредности и во едно најтешко време ни се дава таа можност да претседаваме. Јас сум сигурен дека со заеднички напори ќе оставиме наследство дека Организацијата е важна и кредибилна и ќе може да влијае на конкретни човечки судбини бидејќи ОБСЕ е е за луѓето и тоа ќе биде нашиот фокус, истакна Османи.
Тој вели дека за успехот на државата говори фактот што од консуматор на безбедносни услуги на оваа Организација во 1992 година, неможност веднаш да стане членка и двегодишен статус на набљудувач, денес има привилегија и признание да претседава со најголемата безбедносна регионална организација и да придонесува во европската безбедност, во, како што нагласи, период кога европската безбедносна архитектура е целосно разрушена и светот се соочува со агресија на една земја членка, над друга земја членка.