Денеска во Собранието на Република Македонија продолжува расправата за промена на Уставот, името на државата и предлогот за амнестија за настаните од 27 април, што ја понуди премиерот Зоран Заев, а во Кривичниот суд продолжува судењето на патриотите за кои власта „великодушно“ понуди амнестирање.

Како што е веќе објавено, владејачките партии, кои немаат двотретинско мнозинство за промени на Уставот, преку премиерот Заев понудија амнестија за „27 април“ во замена за поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување двотретинско мнозинство.

– Сега треба да одлучите дали многу ќе добиеме или многу ќе изгубиме, рече вчера Заев во воведното обраќање пред пратениците, посочувајќи дека тие треба да донесат државнички избор.

Инаку, во целата кампања пред неуспешниот референдум, а и пред тоа, власта особено преку СДСМ пласираше сооопштенија дека опозицијата не ја интересира ништо друго, туку „само амнестија“. Вчера реагираа повеќе патриоти кои со месеци се притворени и се влечат по судови дека не сакаат амнестија, туку сакаат правда.

Парламентарното мнозинство и опозицијата на седницата, која продолжува и денеска, останаа на своите ставови „за“ и „против“ уставните измени. Изненадувачки беше ставот на пратеникот Ферид Мухиќ, кој до пред некој ден беше против уставни измени. Се изјасни дека ќе гласа за уставните измени, објаснувајќи дека со неговиот став се довел во ситуација, на извесен начин да влијае на 20.000 граѓани на Македонија кои ги претставува во Парламентот.

– Очигледно немаме правна основа да го отфрлиме, рече Мухиќ во својот говор на пленарната седница за уставните измени.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со став дека договорот од Преспа е штетен и политички и правно мртов. За Илија Димовски, Владата со Договорот излегла од својот мандат за прашањето за името и Собранието треба да констатира дека предлогот е неприфатлив. Според него, има алтернативи за решавање на ова прашање, кое е поврзано со влезот во НАТО и во ЕУ.

Ставот на парламентарното мнозинство е дека подобар договор од овој не може да има и оти ако тој се отфрли и не влеземе во ЕУ и НАТО тогаш на земјата и се зкаанува изолација. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев ги повика пратениците од опозицијата да го убедат раководството на ВМРО-ДПМНЕ и заеднички да ја донесат одлуката за уставни измени и за промена на името.

Денеска, пак, во Кривичниот суд во Скопје со сослушување на заштитен сведок треба да продолжи судењето за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

На претходните рочишта беа сослушани повеќе сведоци, меѓу кои пратеници, членови на собраниското обезбедување, припадници на МВР и новинари. Во своите искази тие ги објаснија нивните дејствија за време на критичниот 27 април минатата година.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година, кога незаконски за спикер на Собранието беше избран Талат Џафери, обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.