Обвинение против охридскиот обвинител Димовски за „намерно“ застарување предмети

/ 19.09.2022

Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе обвинение против поранешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на обвинителството: 

Обвинетиот, во периодот од 19 ноември 2013 година до 25 ноември 2021 година, додека се уште ја извршувал функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности поврзани со преземање или непреземање на дејствија  по конкретни предмети. На тој начин тој овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, и со тоа, потешко ги повредил правата на други  – подносителите на кривичните пријави и оштетени, бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле ускратени да ги остварат своите права како оштетени во судска постапка, ниту пак добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка.

По извршен вонреден надзор на Вишото јавно обвинителство Битола врз работата на јавниот обвинител беа констатирани пропусти во постапувањето, при што беше задолжен да ги преземе неопходните дејствија во предметите. Тој не постапи по задолжението од извршениот надзор, односно состојбата во предметите остана идентична.

Од тие причини против обвинителот беше поведена и дисциплинска постапка во која Дисциплинската комисија донесе решение со кое за сторените тешки дисциплински повреди изрече дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител.

Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител беше утврдено дека на овој начин настапила застареност на вкупно 14 предмети во Основното јавно обвинителство Охрид:

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид на 19.11.2013 година, против две осомничени лица за кривично дело Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот не презел никакво службено дејствие во предметот се до 4 ноември 2019 година кога настапила апсолутна застареност за гонење на осомничените за пријавеното кривично дело, а на каков начин потешко ги повредил правата на едно оштетено лице.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 09.12.2014 година го испитал осомничениот на записник и истиот ден издал Наредба за вештачење, но понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот, поради што на 24.04.2018 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело, а на каков начин потешко ги повредил правата на оштетеното правно лице ЕВН Македонија.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 22.12.2014 година испитал двајца сведоци, но понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот, поради што, на 28.02.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничената за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2013 година против еден осомничен за кривично дело – Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 12.01.2015 година испитал тројца сведоци, но понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот, поради што, на 16.05.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2013 година против едно лице за кривично дело – Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Во овој предмет, обвинетиот јавен обвинител на 15.09.2015 година со Решение на Вишото јавно обвинителство Битола бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение не ги презел службените дејствија. На 11.05.2017 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Со Решение на Вишото јавно обвинителство Битола од 29.09.2015 година обвинетиот бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение не ги презел службените дејствија. На 30.07.2020 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 26.07.2013 година против еден осомничен за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Иако со Решение од 21.10.2015 година на Вишото јавно обвинителство Битола, обвинетиот бил задолжен постапката по поднесената кривична пријава да ја продолжи, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности како јавен обвинител, па по ваквото задолжение, не презел никакво службено дејствие во предметот. Апсолутна застареност за гонење на пријавениот настапила на 25.01.2019 година.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2015 година по поднесена кривична пријава против еден осомничен за кривично дело – Загрозување на сигурноста по член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На 18.11.2015 година обвинетиот упатил барање за податоци до ЈЗУ Општа болница Охрид, но понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот. На 10.04.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело со што потешко биле повредени правата на една оштетена.

– По предметот заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2014 година против едно лице за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик, обвинетиот на 15.01.2016 година, упатил покана за испитување до осомничениот. Понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот, поради што на 17.05.2019 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид од 2014 година против едно лице, за кривично дело – Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот на 16.02.2016 година на записник испитал еден сведок и потоа не презел никакво друго службено дејствие во предметот. На 24.11.2020 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2015 година против еден осомничен за кривично дело – Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас по член 235-а став 1 од Кривичниот законик. Со Решение од 10.06.2016 година на Вишото јавно обвинителство Битола, обвинетиот бил задолжен постапката да ја продолжи, но по ваквото задолжение не ги презел службените дејствија со кои бил задолжен, а кои биле неопходни за донесување на јавнообвинителска одлука. На 11.03.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот за пријавеното кривично дело.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2014 година, по поднесена кривична пријава против двајца осомничени за кривични дела – Незаконит риболов по член 229 став 1 од Кривичниот законик и Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик. Од 22.06.2017 година, кога со наредба го вратил металниот чамец на сопственикот и издал две барања за казнени евиденции до Основниот суд Охрид, обвинетиот понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот. На 11.07.2018 година настапила апсолутна застареност за гонење за кривичното дело – Незаконит риболов, а на 11.07.2020 година апсолутна застареност за гонење и за кривичното дело – Кражба. Со ова обвинетиот потешко ги повредил правата на државата во поглед на заштита на рибниот фонд, како и на едно оштетено лице.

– По предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид во 2015 година против еден осомничен за кривично дело Кражба по член 235 став 1 од Кривичниот законик, обвинетиот на 22.06.2017 година го испитал осомничениот на записник. Понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот, поради што, на 20.05.2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничениот, со што потешко биле повредени правата на оштетено правно лице ЛТХ Леарница дооел Охрид.

– Предмет заведен во Основното јавно обвинителство Охрид по поднесена кривична пријава од 02.12.2016 година против три лица од Охрид, за кривично дело – Давање лажен исказ од член 367 став 1 и член 367 став 3 од Кривичниот законик. Обвинетиот во својство на јавен обвинител на 10.02.2020 година издал наредба за вештачење до вешто лице, но понатаму не презел никакво службено дејствие во предметот. Како резултат на ова во 2021 година настапила апсолутна застареност за гонење на осомничените.

Постапката во овој предмет ја води Основното јавно обвинителство Струга, бидејќи Основното јавно обвинителство Охрид побара изземање со оглед на тоа што обвинетиот го сторил кривичното дело во својство на јавен обвинител во тоа обвинителство.​


Од истата категорија