Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави денеска дека е од огромно значење сепаратистите во Украина поддржани од Москва да одржат референдуми за приклучување кон Русија.
Во објава на социјалните мрежи, Медведев посочи дека официјалното претворање на народните републики Доњецк и Луганск (ДНР и ЛНР) поддржани од Москва во Русија е витален чекор за обезбедување на нивните интереси и може дополнително да ја оправда руската употреба на воена сила за да ги заштити.
Во понеделникот, сепаратистичките лидери на ДНР и ЛНР се согласија да ги здружат силите за одржување референдуми за приклучување кон Русија, откако назначените проруски претставници во двете републики ги засилија своите повици за гласање.
– Референдумите во Донбас се од големо значење не само за севкупната заштита на жителите на ЛНР, ДНР и другите ослободени територии, туку и за враќање на историската правда, вели Медведев.
Тој додава дека по прифаќањето на ЛНР и ДНР во Русија, геополитичките промени во светот ќе станат неповратни.
– По создавањето (на референдумите) и прифаќањето на новите територии како дел од Русија, геополитичката трансформација во светот ќе добие неповратен карактер, напиша поранешниот руски претседател.
Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, исто така рече дека Москва треба да им дозволи на самопрогласените републики да се приклучат бидејќи тоа дополнително ќе ја оправда употребата на воена сила во Украина.