Македонија, освен со маслото за јадење, кое е поскапо кај нас отколку извезено во Црна Гора, сега држи рекорд во цената и на домашниот кашкавал, кој е најскап во споредба со другите земји од регионот.

Еден килограм домашен кашкавал во проавниците низ Македонија достигна цена од 11 евра (665 денари) за килограм.

Споредено со другите земји од регионот кај нас кашкавалот е најскап. За споредба, во соседните земји е многу поевтин – во Грција килограм кашаквал чини 7 евра, во Србија помалку од 8 евра, а во Албанија 7,5 евра.

– Еј, кашкавал… Дојдов само да разгледам. Саверџистан! Држава со најскапа храна и најнизок стандард на Балканистан! Држава нема, ред нема. Лепете нови цени секој ден. Кој што ви може а? – коментира граѓанин на Фејсбук, револтирано и со иронија.

Македонија пред млечна криза, објави ТВ Алфа во својот денешен прилог:

– Во Македонија веќе нема млеко ни за 50 денари. Ако до пред околу еден месец можеше уште да се најде низ поевтините супермаркети, сега треба да сме среќни ако го најдеме одвај и за 70 денари. Сликата пак низ дел од супермаркетите е како за зејтинот. Ги снемува од рафтовите, а се очекува пак да се појават по уште повисока цена. Фактот што млекото стана луксуз по автоматизам ги крена во плафон и цените на сите млечни производи. А за да биде апсурдот уште поголем, во Косово на пример, литар македонско млеко се продава по околу 66 денари или 1,09 евра. Дома, граѓаните се избезумени, не знаат како ќе преживеат, анализира телевизија Алфа.

Неодамна објавивме дека македонското масло за јадење е многу поскапо во Македонија отколку истото што е извезено во Црна Гора.

(Д. Г.)