Директорот на Паркови и зеленило е последниот во низата раководители на јавни претпријатија кои си поднесуваат оставка во Град Скопје. Ангеле Сотировски кој е кадар на социјалистите вели дека си заминува од директорската позиција бидејќи не може да функционира во новите услови кои се создале по разидувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска.
Ценам дека новиот политички амбиент во Град Скопје нема да ми дозволи максимално да се фокусирам на најважното а тоа е успешно менаџирање на претпријатието. Токму поради тоа, се повлекувам од должноста В.Д.Директор.- пишува Сотировски во својата оставка.
Крај на соработката со Арсовска денеска објави и неговата партија.
Социјалистичката партија на Македонија во ниту еден случај нема да прифати да соучествува и да биде дел од новонастанатата констелација во Град Скопје каде што доминатна улога ќе има или ќе се работи под закрилата на политичка партија од извршната власт, осведочена со голиот материјално-финансиски интерес и со изневерување на интересите на граѓаните на државата и на Град Скопје, а со која СПМ оддамна нема согласност за сите прашања по идеолошка и национална основа – се вели во соопштението на СПМ
Со оставката на Сотировски во тимот на Арсовска веќе нема кадри од опозициската коалиција откако претходно, оставки си поднесоа уште 6 директори.