Расте извозот, растат платите и пензиите, зголемена е инвестициската активност на компаниите, расте индустриското производство, се зголемува бројот на работници во индустријата, а државниот долг што го остави ВМРО ДПМНЕ е намален, се вели во реакцијата на СДСМ, по повод денешното задолжување од нови 54 милиони евра.
– Бројките доволно кажуваат, Македонија оди напред. ВМРО-ДПМНЕ, партијата што 11 години ја опустошуваше економијата, денес преку нејзиното раководство се профилира како кочничар на економијата и блокатор на иднината на државата, на членството во НАТО и ЕУ. По промените, македонската економија бележи раст и се движи напред. Потврда за успешноста на добрите економски политики е растот на Бруто домашниот производ од 3,1 отсто за вториот квартал од 2018 година, за разлика од последниот квартал за време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, кога економијата забележа пад од – 1.3 отсто, се вели во соопштението.
Натаму се додава дека во првото полугодие од годинава е забележан рекорд на странски инвестиции од 327 милиони евра.
– Единствено раководството на ВМРО ДПМНЕ останува да биде кочничар на процесот што обезбедува членство во ЕУ и НАТО и повисок животен стандард за сите граѓани. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, треба да се откажат од деструктивното однесување на раководството на оваа партија, да ги поддржат процесите во Собранието и уставните измени да бидат изгласани. Клучни за понатамошен раст и развој на економијата е стабилна политичката состојба, членството во НАТО и продолжување на процесот на преговори со ЕУ, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.