На 95-та седница, што денеска ја одржа Владата, покрај останатите донесе и одлука да му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата поднесена од адвокатот Еленко Миланов од Скопје.

Иницијативата од Миланов е доставена до Уставниот суд на Република Македонија под У.бр.106/2018, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 196 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004) и член 100 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009).

Владата му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата, како што е соопштено, со цел да се оневозможи избегнување одговорност за кривични дела од страна на високи функционери, за кои се води постапка од страна на Специјалното јавно обвинителство.

На 17 септември годинава еден од адвокатите на експремиерот Никола Груевски, Миле Јанакиески и на други обвинети во предметите на СЈО, Еленко Миланов, поднел иницијатива за оценка на уставноста на член од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2004 и 2009 година, потврдија од Кабинетот на генералниот секретар на Уставниот суд.

Од Уставниот суд потврдија дека предметот е земен во работа.