Британскиот производител на електрична енергија од обновливи извори Дракс доби милијарди фунти зелени субвенции од даночните обврзници, а во Канада сече шуми важни за животната средина, јави Би-Би-Си.
Дракс управува со најголемата електрана во Британија, согорувајќи милиони тони дрвени пелети класифицирани како обновливи извори на енергија.
Би-Би-Си наведува дека дел од дрвото што се користи за производство на пелети доаѓа од прастарите шуми во Канада.
Компанијата тврди дека користи само струготини и отпадно дрво.
Би-Би-Си анализираше сателитски снимки и ги следеше дозволите за сеча, користејќи дронови за да ги докаже своите тврдења.
Екологистот Мишел Коноли вели дека „компанијата уништува шуми за кои биле потребни илјадници години да се развијат“.
„Навистина е штета што британските даночни обврзници го финансираат ова уништување. Сечењето на природните шуми и нивното претворање во пелети што се палат за електрична енергија е апсолутно лудило“, рече Коноли.
Електраната на Дракс во Јоркшир некогаш користеше јаглен, а сега произведува 12 отсто од обновливата електрична енергија во Велика Британија и веќе доби шест милијарди фунти „зелени“ субвенции.
Палењето дрва се смета за „зелено“, но е контроверзно меѓу еколозите.
Последните сателитски снимки покажуваат дека Дракс моментално ја сече шумата, велат од Би-Би-Си. Компанијата, пак, соопшти дека многу од дрвјата таму пресушиле и дека сечата ќе го намали ризикот од шумски пожари.
Владата на Британска Колумбија нагласи дека древните шуми се исклучително важни и дека компаниите треба да го одложат нивното сечење.