Тој посочи дека се подготвуваат мерки за директна помош на најранливите категории граѓани, а за компаниите се прават калкулации за субвенционирање на цената на електричната енергија и за набавка преку директни договори со други држави на пониска цена
Премиерот Димитар Ковачевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека има позитивни очекувања од преговорите со Меѓународниот монетарен фонд во однос на обезбедување финансии за справување со енергетската криза и најави дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе има позитивна вест наредните денови.
„Сметам дека во наредните денови министерот за финансии ќе има позитивна вест и за економијата и за Буџетот и за граѓаните во поглед на преговорите со Меѓународниот монетарен фонд и преговорите со другите финансиски институции и кредитори“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека се подготвуваат мерки за директна помош на најранливите категории граѓани, а за компаниите се прават калкулации за субвенционирање на цената на електричната енергија и за набавка преку директни договори со други држави на пониска цена.
„За најранливите категории на граѓани се работи на подготовка на пакет мерки кои ќе бидат финансирани од Буџетот. Директни финансиски средства на овие категории граѓани. Ќе им се помогне да може да имаат дополнителен финансиски приход“, рече Ковачевски.