По обвинувањата на опозициската ВМРО ДПМНЕ и повикот на партискиот лидер Христијан Мицкоски да го испита случајот, претседателката на комисијата Билјана Ивановска за Канал 5 појаснува дека она што е во нивна надлежност е проверено, а дали имало евентуални други злоупотреби треба да истражат другите институции.

-Ние уште еднаш го проверивме анкетниот лист на премиерот и утврдивме дека тој кога стапи на функција заменик министер за финансии, во својот анкетен лист уредно пријави сѐ што поседува. Од податоците во анкетниот лист имаме сознанија дека тој не учествува во управувањето, а ги продал и сопственичките удели во фирмата. Во случајов тој не е ниту сопственик ниту управител, и нема основи за да отвориме предмет за судир на интереси, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

За ВМРО-ДПМНЕ, ова беше очекувано по паушалната изјава на Ивановска дека нема да отвори предмет за Ковачевски и аферата Броило. Ниту не почекаа да ја добијат претставката за Ковачевски и броило, влијанието и вмешаноста во скандал тежок 26.000.000 евра, туку излегоа во јавност дека нема да отворат предмет, веројатно по допрен глас директно од Ковачевски.
Во услови на криза некој профитира, добива 26.000.000 евра, постои сериозна индиција за трговија со влијание, а ДКСК однапред крева раце.
Ова е уште еден во низата коруптивни скандали и спречување на борбата со корупцијата што ја втурна државата во кризи и сиромаштија.
За многу кусо време јавноста ќе ја види спрегата на ДКСК со СДС, реагираат од опозиционата партија.