Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија кои што градат мостови помеѓу нашите две држави. Постојат имиња кои што можат да зближуваат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

– Секоја држава финансира различни проекти кои што се однесуваат на граѓани кои се самоопределуваат како нивното доминантно население. И ние како C. Македонија финансираме проекти во Албанија, во делот на Поградец и другите делови каде што живеат Македонци. Меѓутоа, сметам дека Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија кои што градат мостови помеѓу нашите две држави. Доколку се финансираат, а јас не знам кои здруженија се финансираат, ќе повторам третпат дека здруженија кои што носат имиња на личности од историјата кои штои ги повредуваат чувстата на Македонците, на Евреите, на Ромите, на Албанците и на сите други кои живеат тука, а кои во историјата се означени како личности кои се дел од најцрниот период на Европа, а тоа е фашизмот во Втората светска војна, сметам дека тоа не се личности кои што треба да бидат имиња на здруженија на граѓани, бидејќи ги повредуваат чувстата на граѓаните, рече Ковачевски.

Тој ова го одговори на новинарско прашање дали во духот на добрососедството би побарале од бугарската влада да ги прекине финансиите за здруженија со провокативни имиња за земјава како што е тоа на „Цар Борист Трети“ во Охрид.

Ковачевски за денешната изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски околу тоа дека „Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, рече дека не знае кој е тој човек и не ја слушнал изјавата.

– Македонизмот секогаш ќе го има затоа што Македонците се тие кои имаат своја историја, имаат свој идентитет. Ние зборуваме на македонски јазик, ние негуваме свои обичаи, своја култура и ние сме граѓани, народ кој што до 2030 година ќе ја збогати Европската унија со тоа што ќе станеме нејзина членка, рече Ковачевски.