Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска ги обвини САД дека водат политика на дестабилизација против Иран, каде што еден месец се одржуваат антивладини демонстрации по смртта на 22-годишната Махса Амини.
– По неуспехот на воената опција и американските санкции, Вашингтон и неговите сојузници прибегнаа кон политика на дестабилизација осудена на неуспех, рече Раиси, пренесе иранското претседателство.
Раиси ова го изјави во Астана, Казахстан, на самитот на Конференцијата за интеракција и мерки за градење доверба во Азија (CICA), форум за соработка на 27 азиски земји.
Демонстрациите во Иран траат веќе четири недели, а почнаа кога иранската полиција за морал ја уапси Махса Амини поради неправилно носење хиџаб. Таа потоа почина во притвор. Иран негира дека таа починала како последица на тепање и наведува дека починала од хронична болест.