Вицепремиерот Артан Груби сменет од партиската функција организациски секретар во ДУИ, на негово место поставен Блерим Беџети. Скопското крило на ДУИ познато како „Огнена Група“ ги доби новите потпретседателски позиции во хиерархијата на ДУИ, известува РСЕ.

Централниот совет на ДУИ на денешниот вонреден состанок донесе измени во партиското раководство, со кои одредени министри кои досега беа во раководните партиски структури сега се заменети со „стари кадри“ кои се дел од скопската фракција на ДУИ што себе се нарекува „Огнена група“.

За потпретседатели на партијата избрани се поранешниот градоначалник на Чаир и актуелен пратеник Изет Меџити. Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми и натаму останува на својата позиција како потпретседател, а како нови се избрани Бајрам Реџепи кој директорува со Македонски енергетски ресурси и пратеничката Арбана Пашоли.

Поранешниот министер за правда и актуелен градоначалник на Сарај Блерим Беџети е избран за организативен секретар на местото на вицепремиерот Артан Груби, додека Фатон Ахмети е избран за генерален секретар, а за прв пат е избран и секретар за еднакви можности, позиција која и е доделена на Саранда Имери.

Претседателот Ахмети за членови на Надзорниот совет ги предложи Муса Џафери, Беким Незири, Јуамин Синани, Зенун Матјани, Мемет Селами, Шукри Масурица и Недим Рамизи.

На оваа средба беа одобрени предлозите се додека не дојде до несогласување при кое Талат Џафери револтиран ја напушти средбата пред да го затвори состанокот шефот на ДУИ, Али Ахмети. Причината е предлогот на Џафери да се додаде уште еден потпретседател односно потпретседател за гостиварскиот огранок. Претседателот Ахмети тоа го стави на гласање, но не доби поддршка, а Османи го оцени како неможно поради статутарни ограничувања. Со довикување и реплика на на овој предлог веднаш му се спротивстави Муса Џафери. Предлогот на Џафери не беше прифатен, бидејќи мнозинството не гласаше за неговиот предлог, по што тој го напушти состанокот.

Дали овој состанок ги смири тензиите предизвикани од јавното несогласување на поранешни функционери од ДУИ, портпаролот на ДУИ и министер за надворешни работи Бујар Османи изјави дека денешниот ден е само уште еден демократски ден за ДУИ.

„Денеска е дојден со еден предлог кој што е консезуален кој што ги задоволува сите и така ја добива поддршката од сите членови. Само Џафери не беше задоволен, мислам дека тој побара уште еден потпретседател, ама има статутарни ограничувања. Јас без да бидам нескромен би им кажал на другите партии малку да учат од ДУИ како се прави демократија.

На денешниот едночасовен совет му претходеа вчерашните шест часовни консултации со дел од потписниците на писмото од „Огнената група“ кои денеска повторно добија партиски функции.