Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан денеска најави дека украинските воени бегалци ќе треба да почнат да се грижат за себе, но и за чешките граѓани, додека соседните полски власти отворено предупредуваат дека не можат да ги финансираат бегалците на неодредено време и бараат да бидат покриени дел од трошоците за сместување во центри.
– Подготвени сме да ви помогнеме, но од одреден момент, бидејќи имате пристап до здравствениот систем и пазарот на труд, ќе мора да се грижите за себе, изјави министерот Ракушан.
Чешкиот премиер Петр Фијала на заедничката прес-конференција со Ракушан ја пофали владата што успеала да обезбеди достоинствени услови и засолниште за речиси 450.000 бегалци од Украина, главно жени и деца, и дека бројот што го примила нивната земја е најголем во Европа, ако за основа се земе бројот по глава на жител.
Повеќе од 100.000 бегалци од Украина во Чешка веќе се грижат за себе бидејќи нашле работа и не го оптоваруваат здравствениот и социјалниот систем, плаќаат и даноци и се проценува дека повеќе од четвртина од Украинците на кои им било дадено засолниште од Чешка ја напуштиле државата.
Полската влада, пак, предупредува дека не може „бескрајно“ да ги покрива трошоците за бегалците. Таа планира украинските бегалци кои подолго време се во центрите да почнат да ги плаќаат трошоците за сместување.
– Не можеме да го финансираме престојот на бегалците на неодредено време. Во моментов имаме околу 80.000 бегалци кои се уште се во центри, сали, пансиони. Сакаме оние кои се во тие центри повеќе од 120 дена од јануари да почнат да покриваат 50 проценти од трошоците, изјави за радио РМФ ополномоштеникот на полската влада за бегалците од Украина, заменик министерот за внатрешни работи Павел Шефернакер.
Од почетокот на војната во Украина на крајот на февруари, полската граница ја минале околу шест милиони бегалци од Украина, од кои, според податоците од септември, околу 1,4 милиони останале во земјата, од кои 45 отсто се деца, 43 проценти се жени, а седум проценти се постари лица.
Според проценките на ОЕЦД, Полска ќе потроши 6,2 милијарди евра за домување и социјална помош за украинските бегалци, 1,5 милијарди за образование на децата и 664 милиони за здравствена заштита, додека Чешка оваа година ќе потроши 1,9 милијарди евра.