Генералниот секретар на НАТО ги повикува земјите членки на алијансата да ѝ пружат уште поголема помош на Украина, објави Дојче Веле.
Тој во емисијата Конфликт зона на ДВ вели дека опасноста од употреба на нуклеарно оружје е мала.
Столтенберг зборуваше на Форумот за надворешна политика на фондацијата Кербер во Берлин. Ова се драматични времиња за Европа, за НАТО, за Германија. Војната во Украина ескалира со руски воздушни напади врз украинските градови и натамошни нуклеарни закани од Москва.
Но, Столтенберг е сигурен: „Путин нема да успее“ да ја скрши волјата за борба на украинскиот народ. Со западна воена поддршка, многу руски ракети и беспилотни летала можеа да бидат пресретнати, вели тој.
– Благодарение на поддршката од странство, рускиот марш кон Киев е запрен, Русија никогаш не ја постигна очекуваната супериорност на небото над Украина, а Украина можеше повторно да ги освои териториите на исток и југ, вели тој.
Шефот на НАТО ги предупредува и сојузниците дека треба да истраат: земјите членки треба да „пружат поддршка колку што е потребно и онолку долго колку што треба“.
Германскиот воен придонес е често критикуван како недоволен. Украинската влада сака пред сѐ германски тенкови Леопард 2, но германската влада досега отфрла нивна испорака. Столтенберг го избегна прашањето дали Германија сега треба да испорача тенкови Леопард 2, но, обраќајќи му се на НАТО како целина, нагласи: „Сите сега треба да направиме повеќе“.
Опширно во Дојче Веле.