Фирмата која го има добиено тендерот за чистење во Владата под сомнение дека добивала тендери со лажни документи. Обвинителството ги сомничи и фирмата и управителот за продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката на јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

„Постои основано сомнение дека со приложената невистинита документација осомничените биле избрани во постапката и со нив бил склучен Договор за јавна набавка со вкупна вредност од 209.999.304,00 денари без ДДВ за период од три години. Врз основа на овој договор, обвинетиот и неговото правно лице биле исплатени износ од 60.691.261,00 денари со ДДВ, односно 25% од вкупниот износ исплатен кон конзорциумот. Во 2021 година истото правно лице, повторно како дел од група фирми, се јавило во постапка за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република … Македонија“ – велат од ОЈО.

Обвинителот пак, побарал судија на претходна постапка да определи мерки за управителот на фирмата, одземање на пасошот како и забрана за преземање работи поврзани со кривичното дело и рапсолагање со парите од фирмата.

Ова е втора фирма која има добиено тендери за чистење од Владата, а завршува во рацете на обвинителството. Сега веќе непостоечката „Секјуриком“, која ги имаше добиено тендерите во речиси сите државни институции за чистење, доби обвинение за злоупотреба на тендерска постапка, а осомничени во случајот беа сопственикот на фирмата, Волфганг Гампер и ексдиректорот на СОЗР, Васе Доневски.