Отец Никодин Царкњаз упати повик до Македонците од Вардарска Македонија, кој може да појде на 26 октомври во Сбоцко и заедно со тамошните Македонци да го прослават празникот Св. Злата Мегленска.
– Со вашето присуство ќе ја поддржите Македонската црква во Собоцко, ќе имаме можност да се сретнеме и да разговараме. Добредојдени се сите добронамерници, се вели во јавната покана од архимандрит Никодим Царкњас и македонскиот активист Ристо Сидеровски.
– Ајде заедно да го славиме Вардарци и Беломорци да се дружиме и да се обединиме. Ако не сакаат политичарите да не обединат да се обединиме сами, се вели во повикот објавен на Фејсбук на страницата Егејски глас.
Видеото од обраќањето на отец Царкњас може да го отворите ТУКА.
Света великомаченичка Злата Мегленска е македонска светителка и маченичка од времето на отоманското владеење во Македонија. Света Злата Мегленска е родена во село Слатино (Χρυσή) 1750 година. За нејзиниот живот и маченичка смрт дознаваме од нејзиното житие напишано во 1799 година, на грчки јазик, од очевидецот на нејзиното мачеништво, Никодим Светогорец.
Според житието Света Злата Мегленска е родена и пострадала во Слатина, Мегленско, во Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на сиромашни селски родители, кои имале уште три ќерки. Света Злата Мегленска била најубава. Имала силна вера во Господ Исус Христ, била смирена и со чисто срце. Поради нејзината убавина и силна вера во Бога, настрадала маченички…
Нејзината убавина го привлекла вниманието на Бегот од нејзиното место кој страсно ја посакал. Еден ден, кога Злата излегла со своите другарки во шумата, Бегот потплатил арамии кои ја грабнале и ја однеле во неговиот сарај. Отпрвин се обидувал да ја потурчи, ветувајќи ѝ дека ќе ја земе за жена. Но, Злата останала непоколеблива и на ваквите ветувања му рекла: “Јас верувам во Христа, нему му се поклонувам и само Него Го знам како мој младоженец. Од Него никогаш нема да се откажам, дури и да ме ставите на илјада маки или ме исечете на ситни парчиња.”
Турчинот ја ставил да живее заедно со останатите негови жени, надевајќи се дека тие ќе ја наговорат да се потурчи. Уште какви ли не ветувања ѝ кажувале овие жени, но Злата не попуштила. По шест месеци, Турчинот сфатил дека ни тоа не помага, па затоа ги повикал нејзините родители заканувајќи им се, дека ќе ја убие ако не ја натераат да се потурчи. Нејзините родители и сестри ја проколнале да се потурчи, велејќи и’ дека Бог ќе ѝ го прости тој грев штом е направен под принуда. На сето ова, Злата им’ рекла: “Штом вие ме советувате да се откажам од Христ, вистинскиот Бог, не сте веќе мои родители и не сте веќе мои сестри. Јас имам татко, тоа е Господ Бог Исус Христ. Имам и мајка, таа е Света Богородица, а мои браќа и сестри се светителите и светителките.”
Кога Турчинот видел дека ни тоа не помага наредил да ја затворат. Три месеци Злата била затворена и секојдневно сурово тепана и мачена. Сите маки оваа светителка херојски ги издржала охрабрена од својот чувар Господ Бог Исус Христ. На крајот била обесена, а телото ѝ било исечено на парчиња. Така таа ја предала својата бесмртна душа на Исус Христ. Подоцна деловите од нејзиното тело христијаните кришум ги погребале. Света Злата маченички настрадала 1795 година.
Житието на света Злата Мегленска, според други, било запишано според кажувањата на духовникот Тимотеј, кој бил духовен отец на нивното семејство и кој бил сведок на нејзините страдања. Во годината кога света Злата Мегленска била грабната, во Македонија крстосувале арамиски банди кои нанесувале големи штети на населението, па се претпоставува дека и со неа било исто. Во еден ферман од султанот Селим Трети стои: “Поредокот во земјата е нарушен, а царските закони никој не ги почитува.”