Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези, пишува бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во писмото до Владата на Бугарија.
Неговата реакција се однесува за македонскиот културен клуб Никола Вапцаров што треба да биде отворен на 30 октомври во Благоевград.
– Недопустливо е во срцето на Пиринска Македонија да биде отворен клуб кој ќе сее сепаратизам и антибугарски тези. Потсетувам дека против тоа се изјасни и Советот на Општина Благоевград, кој донесе декларација за оваа тема, пишува европратеникот Џамбаски.
Бугарскиот европратеник бара одговори од Владата дали во клубот има лица поврзани со, како што ги нарекува, „сепаратистичките организации“ ОМО Илинден и ОМО Илинден Пирин, дали има доставени информации и барање од официјалните власти од Скопје за отворање културен клуб во Благоевград и како тој ќе се администрира.
Џамбаски реагира и на најавеното присуство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на отворањето на клубот.
– Се сеќавам на неговите зборови дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е „отровен плод“, како и неговиот став за отфрлање на Договорот од страна на С. Македонија. На неговите антибугарски манифестации можеме да ја додадеме и поддршката за сторителот на палењето на бугарскиот културен клуб Иван Михајлов во Битола, како и многу други, пишува европратеникот Џамбаски во писмото упатено до бугарската Влада.
Тоа се двојните аршини на европратениците од Бугарија, и не само на нив, бугарски клубови со личности од фашистичкиот период во Битола и Охрид се „европски вредности“, а македонски клуб со име на поет во Пиринска Македонија е „неприфатлив сепаратизам“.