Тренерот на Баерн Минхен, Нико Ковач, како причина за кризата во трофејниот клуб ги посочува отсуството на среќа поради што многуте шанси останале нереализирани, како и грешките во одбраната.
Ковач, и покрај гласините во германските медиуми за негов отказ, ја доби довербата на раководството на Баерн и нагласи дека во следните неколку натпревари не планира значајни промени во играта на тимот.
– Кога работите не одат не треба да се прават радикални промени. Тоа не носи успех и затоа треба да се остане доследен на својот систем, истакна Ковач.
Според него лошата реализација е најголем проблем за тимот, бидејќи иако имаа многу шанси фудбалерите на Баерн на последните четири натпревари не можеа да стигнат до победа.
– Топката не оди таму каде што сакаме, односно во голот. Потребно ни е малку среќа и поради тоа нема да го менуваме целиот систем, наведе тренерот на Баерн.
За Ковач вториот значаен проблем за неуспехот е неконзистентната одбрана и во таа насока истакна дека ќе бидат направени некои измени пред следниот натпревар.
Баерн утре ќе се соочи со Волфсбург во рамките на Бундес лигата.