Илон Маск го распушти Управниот одбор на Твитер, со што ја консолидира контролата врз компанијата што ја презеде пред неколку дена.
Како што пренесува Би-Би-Си, тој потег бил откриен во документите на американската Комисија за хартии од вредност.
„На 27 октомври, по склучувањето на договорот за преземање, Маск стана единствен директор на Твитер“, се вели во документот.
Меѓу деветтемина отпуштени директори се поранешниот извршен директор Брет Тејлор и поранешниот извршен директор Параг Агравал.
Да потсетиме, најбогатиот човек на светот, Илон Маск, на 28 октомври склучил договор вреден 44 милијарди долари за преземање на Твитер, со што застана на чело на една од највлијателните социјални мрежи во светот. Уште тогаш се знаеше дека првиот потег му е да го отпушти директорот.
Медиумите објавија дека Агравал и главниот финансиски директор Нед Сегал биле во седиштето на Твитер во Сан Франциско кога бил склучен договорот и дека биле изведени од зградата.
Маск ги обвини претходните шефови дека го довеле во заблуда него и инвеститорите за бројот на лажни профили на платформата, како и дека не му дале јасни аргументи како да ги постигне високите амбиции што ги има со влијателната социјална платформа.
Маск рече дека сака да ги победи „спам-ботовите“ на Твитер, да ги направи јавно достапни алгоритмите кои одредуваат како содржината ќе биде претставена на корисниците и да спречи платформата да стане место за омраза и поделби.
Маск претходно денеска изјави дека сака Твитер да стане „најпочитуваната платформа за рекламирање“ и рече дека сака „да му помогне на човештвото“ со оваа аквизиција.
Маск, ко-основачот на Твитер Џек Дорси и други инвеститори претходно предложија дека сакаат да ја тргнат социјалната мрежа подалеку од рекламирањето и да генерираат приходи преку претплати и други средства. Самиот Маск еднаш напиша дека „мрази рекламирање“. Затоа, огласувачите се загрижени за преземањето на мрежата од Маск.
„Има многу шпекулации за тоа зошто го купив Твитер и што мислам за рекламирањето. Повеќето од нив се погрешни“, напиша Маск на социјалната мрежа. „Во основа, Твитер сака да биде најпочитуваната рекламна платформа во светот која го зајакнува вашиот бренд и носи раст на бизнисот“. Повеќе од 90 отсто од приходите на Twitter во вториот квартал од оваа година се од реклами.