Во Централниот регистар на Бугарија пишува дека Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, организацијата која го отвори клубот Никола Вапцаров во Благоевград, е „во ликвидација“, објави 360 степени.
Дури сега, три години откако бугарското обвинителство покренало процес против организацијата регистрирана во 2019 година, случајот добива правна разврска која може да значи затворање и на клубот Никола Вапцаров, кој свечено беше отворен вчера.
– Јас не знаев, сега станав свесен дека нашето здружение е укинато, вели Атанас Мазнев, основач на македонскиот културен центар.
Одлуката е правосилна од првата половина на месецов, а основата е случај отворен од јавното обвинителство во Благоевград со тврдење дека целите на Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права, регистрирано во 2019 година, се спротивни на бугарскиот Устав и законите.
Претходно, градоначалникот на Благоевград изјави дека клубот е нелегитимен и дека тој претставува „обична канцеларија“.
– Клубот е нелегитимен затоа што местото на кое се одржа собирот не одговара на законот за просторно планирање каде не се предидвидува културен центар. Повеќе би рекол дека тоа е канцеларија во која луѓето се собираат на приватна основа, изјави денеска за бугарските медиуми градоначалникот Илко Стојанов.