Законот кој треба да го заштити антифашистичкото минато и историската вистина на Македонија доби зелено светло од пратениците.
Со 67 гласа ЗА и ниту еден против и воздржан, власта и опозицијата ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, со кои ќе се регулира нивната контроверзност.
Според новиот текст, со закон ќе биде забрането “основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза, нетолеранција, омраза, геноцид,, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам или спротивни на Уставот или законот и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица”
Пратеничката Соња Мирковска рече дека во потполност го поддржуваат предлогот на опозицијата за измените на овој закон.
Предложените законски измени следуваа по реакциите на отворањето на клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Овие бугарски културни центри сега имаат рок од 90 дена да го сменат името, а во спротивност ќе бидат избришани од регистарот.
Во продолжение на седницата беа изгласани и измените на Законот за политички партии. Тие беа предлог на власта, а со нив, како и во Законот за здруженија, се прецизираат причините поради кои не смее да се формира политичка групација.