Данела Арсовска и Трајко Славески повторно во главни улоги денеска во Советот на Град Скопје. Седницата за советнички прашања почна, но беше прекината, а продолжението закажано на 14 ноември во 11 часот. Градоначалничката го нарече претседателот на Советот на Град Скопје дека е деспот и тиранин, во обид да дојде до збор од говорницата со помош на мобилен микрофон, наместо од место какви што беа инструкциите на Славески, известува ТВ АЛФА.
„Еве овој микрофон ви е на располагање. Имате и фотелја што е многу поудобна од онаа во која што седите во магарешките клупи назад“, ѝ се обрати Славески на Арсовска и веднаш даде пауза од 15 минути бидејќи, како што рече, „повторно имаме неовластено користење на опрема“.
„Господине Хитлер, не сметам дека ви доликува да го правите овој циркус во овој Совет. Навистина е недолично тоа што го правите. Прво го кршите Уставот, второ сте ситен лопов и сте човек кој што краде и не е во ред тоа што го правите“, му возврати Арсовска.
По паузата, Славески информира дека ѝ го одземал зборот на градоначалничката Арсовска, поради, како што рече, „недолично однесување во салата на Советот на Град Скопје и навреди кон претседателот“. Потоа му даде збор на советникот Гордан Шутаров, а паралелно со неговата подготовка за поставување на прашања, повторно настана вербално препукување и надмудрување меѓу Арсовска и него по што седницата беше прекината.