Последниве неколку денови се водат интензивни преговори меѓу Ковачевски и Таравари за влез на Алијанса за Албанците во Владата на СДСМ и ДУИ, дознава Press24 од упатени извори. Според нив, првиот услов на Алијанса е бркањето на Алтернатива од владината коалиција, што според неофицијалните информации за СДСМ и за ДУИ било прифатливо, бидејќи партијата на Гаши има само 3 пратеници, додека Алијанса има 8 пратеници.
„По однос на министерските позиции Ковачевски им дал понуда од 4 министерски места: Министерството за правда, Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и Министер без ресор за дијаспора, како и двајца заменици министри, за земјоделие и за локална самоуправа. Исто така СДСМ и ДУИ на Алијанса И ги нудат директорските места во МЕПСО и ПИОМ, АД Железници, Управа за матични книги, Агенција за странски инвестиции, директор на Инфективна клиника, како и на Управата за заштита на културното наследство. Таравари ги побарал и директорските места на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и на Државниот просветен инспекторат, но засега нема согласност од СДСМ и ДУИ за отстапување на овие позиции“ – вели изворот Press24.
Ковачевски по консултацијата со Ахмети според информациите до кои дојде Press24 му кажал на Таравари дека се спремни да разговараат и за амбасадори од Алијанса кои би ги пополниле позициите во Берлин и во Каиро, доколку се предложат соодветни кандидати.
Таравари кој се уште чека да добие партиска поддршка за и официјално да стане лидер на Алијансата, според информациите за кои неговата партија не дава ниту потврда ниту демант го споделил овој предлог со својот потесен круг на соработници, но за понудата сеуште не се запознаени партиските органи.
Премиерот Ковачевски побарал официјалниот одговор и одлуката од Алијанса да ја добие до крајот на ноември, за да може потоа да предложи реконструкција на Владата. Во случај одговорот на Алијанса да биде позитивен Владата ветила и поголема финансиска поддршка за општина Гостивар на чие чело е градоначалникот Таравари, вели изворот на Прес 24.
Премиерот Ковачевски вчера демантираше дека се разговара со Алијанса за Албанците за нејзин влез во Владата но потврди дека со партијата споделуваат исти политички погледи за клучните прашања.
Таравари денеска изјави дека информациите за влез на АА во Владата се шпекулации, како и инфомрацијата која ја сподели пратеникот Павле Трајанов дека 8 пратеници чекаат да го прошират парламентарното мнозинство.