Довербата во полицијата денес е трипати поголема отколку во 2015 година, тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кога тој доаѓа на чело на МВР.
– Ако погледнете компаративно, ќе видите дека во 2015 година довербата во полицијата била 23 проценти. Има причини зошто тоа е така. Не само условите за работа, сè она што ни се случуваше во тој период, прислушувањето во огромни размери, кумановските настани и многу други активности, рече Спасовски во емисијата Клик плус на ТВ 21.
Спасовски рече дека, некому тоа може да му се допаѓа или не, но откако тој е на чело на МВР, довербата во полицијата пораснала.
– Денес довербата во македонската полиција е околу 65 проценти. И тоа еве веќе неколку години наназад. Тоа се релевантни истражувања коишто ги имаме. Второ, ако го погледнеме глобалниот индекс за мир, којшто секоја година покажува како напредува земјата, ние имаме раст од 36 места на таа листа, споредено од 2017 година до денес. Тоа се егзактни податоци. Тие може да му се допаѓаат некому, а некому не, но тие се такви какви што се, тврди Спасовски.
Тој е на чело на МВР од ноември 2015 година со неколку месечни прекини, кога беше привремен премиер и во период меѓу избори.