Шефот на најголемата украинска приватна енергетска компанија „ДТЕК“ Максим Тимченко денеска изјави дека граѓаните треба да размислат за напуштање на земјата за да се намали потрошувачката на електрична енергија во земјата.
– Ако граѓаните можат да најдат алтернативно место за престој уште три или четири месеци, тоа може да биде од голема помош за системот, изјави Тимченко за Би-Би-Си.
Руските напади оштетија речиси половина од енергетскиот систем на Украина, а милиони луѓе во земјата се без струја.
– Оштетениот енергетски систем сè уште не е во состојба да произведе доволно електрична енергија за да ги задоволи моменталните потреби, така што на секој начин да се намали потрошувачката, вклучително и напуштање на земјата, треба да се гледа како помош на Украина да победи во војната против Русија, објасни Тимченко.
Тој додаде дека енергетскиот систем станува помалку сигурен со секој руски напад, а намалувањето на потрошувачката на електрична енергија е клучот за негово одржување.
– Ако трошите помалку, тогаш болниците кои се грижат за повредените војници ќе имаат загарантирано снабдување со електрична енергија. Кога гледаме така, со користење помалку струја или заминување, граѓаните придонесуваат и за другите луѓе, изјави Тимченко за британскиот јавен сервис.
Нападите на Русија врз украинската инфраструктура се интензивираа по украинската контраофанзива во областа Харков и повторното влегување во Херсон.