Поранешниот косовски премиер, лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај побара од премиерот Албин Курти да го одложи спроведувањето на одлуката за казнување на лицата кои не ги смениле регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознака РКС – Република Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Харадинај побара од Курти одлуката за пререгистрација на возилата да се одложи до постигнувањето договор со Србија за меѓусебно признавање на двете држави.
Тој побара и од спикерот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца и од претседателката на државата, Вјоса Османи да преземат дејствија за изнаоѓање решение за најновиот спор со Србија.
Опозицискиот лидер потсетува на резолуцијата што неговата партија ја поденесе до Собранието, а во која се бара Владата на Курти да ги исполни барањата на САД и другите западни сојузници за одлагање на санкциите во врска со табличките.
– Го повикувам претседателот на Собранието итно да свика вонредна собраниска седница, да се усвои резолуцијата која ја предлага ААК, со цел да се надмине создадената ситуација, а исто така ја замолувам и претседателката (на државата) да преземе активна улога во смирувањето на ситуацијата и надминувањето на застојот, напиша Харадинај.
Поранешниот премиер исто така ги повика косовските Срби „да се воздржат од насилство и да не наседнуваат на политичките калкулации на режимот во Белград“.
– Последен момент е владите во Белград и Приштина да седнат и да преговараат за договор за мир и признавање и да се откажат од дејствија кои ќе ги загрозат животите на луѓето, порача Харадинај.
Полицијата на Косово (ПК) најави дека ќе започне да изрекува парични казни за лицата кои се движат во земјата со регистерски таблички издадени од Србија, односно за оние кои не ги пререгистрирале своите возила во предвидениот законски рок.
По вчерашната средба во Брисел, со посредство на Европската унија, на Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на која не се постигна договор за надминување на проблемите во врска со табличките на Србите во северно Косово, ПК соопшти дека ќе започне со применување на владината одлука за казнување на тие што не ги замениле табличките.
Првичната најава беше дека санкционирањето ќе започне од денеска во 8 часот, меѓутоа Курти синоќа објави дека, на барање на Амбасадата на САД, примената на одлуката за казнување се продолжува за 48 часа.
Од почетокот на месецов косовската полиција им изрекува укори на лицата кои не ги промениле табличките, а потоа ќе почнат да се изрекуваат парични казни, во висина од 150 евра. Оваа мерка е предвидено да трае до 21 април, кога ќе започне целосната примена на законот, односно ќе биде забрането движењето на возила со незаконски таблички издадени од Србија.