Норвешкиот амбасадор во Москва денеска беше повикан на разговор во руското Министерство за надворешни работи во знак на протест по апсењето на неколку руски државјани во Норвешка под обвинение дека летале дронови.

Во последните недели во Норвешка се уапсени најмалку осум руски државјани поради летање дронови или снимање чувствителни локации.

На руските граѓани им е забрането да летаат дронови во норвешкиот воздушен простор како дел од санкциите воведени веднаш по руската воена инвазија на Украина на 24 февруари.

Во денешниот разговор, на норвешкиот амбасадор Роберт Квили му било кажано дека тие апсења се „неприфатливи“ и дека Москва ги смета за „политички мотивирани“. Исто така, било порачано дека немаат никаква врска со „принципот на непристрасна и еднаква правда“, се вели во соопштението на руското Министерство.

Москва ги повика норвешките власти да престанат со оваа, како што ја нарекоа, русофобна акција и прогон на руските граѓани врз основа на нивната националност.