Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека е „огорчено“ од изјавата на француското Министерство за надворешни работи дека ги поддржува плановите за создавање Суд за злосторствата извршени од Русија во Украина, пренесуваат британските медиуми.
Во соопштението на руското министерство се критикуваат плановите ЕУ да формира специјален суд што ќе ги истражува руските воени злосторства.
„Ги повикуваме француските дипломати, кои посветуваат толку многу внимание на прашањата за човековите права, да не ги делат луѓето на „праведни“ и „погрешни“, „наши“ и „странци“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Украина бара формирање на специјализиран суд за судење на руските воени и политички лидери кои ги смета за одговорни за започнување на војната.
Русија, која своите акции во Украина ги нарекува „специјална воена операција“, негира дека цели на цивили или извршила други воени злосторства.